На барање на бизнис заедницата, продолжен рокот за аплицирање за ИПАРД 2

За 15 дена е продолжен рокот за поднесување барања за користење средства од ИПАРД 2 Програмата 2014 – 2020 за инвестиции во материјални средства за преработка на земјоделски и рибни производи.

Продолжувањето на рокот, како што соопшти Платежната агенција, е на барање на бизнис заедницата.

-Целта на продолжувањето е стопанствениците да достават комплетни и квалитетни апликации. Очекуваме дека со овој дополнителен период ќе им овозможиме на стопанствениците да ги соберат сите потребни документи за да подготват инвестициски проекти кои во сите делови ќе ги задоволат условите кои се пропишани во ИПАРД Прогрмата, со што ќе се овозможи поголема искористеност на средствата. Со оваа Мерка овозможуваме унапредување на домашните преработувачки капацитети како и  зголемена конкурентност на секторот за преработка на земјоделски производи во Република Македонија, вели директорот на Агенцијата Николче Бабовски.

Потребната документација за подготовка и поднесување барања, вклучително и упатства за корисниците на ИПАРД, може да се преземат од интернет страницата на Агенцијата www.ipardpa.gov.mk или на www.pa.gov.mk, како и лично, во приемницата на Агенцијата, и во нејзините регионални центри, секој работен ден од 8:30 до 16:30 часот.

Сите заинтересирани кои сакаат да користат финансиска поддршка од ИПАРД Програмата 2014- 2020 информации за начинот на изготвување и доставување барања, како и практични совети во делот на подготвување на документите, може да добијат и во Агенцијата за поттикнување на развој во земјоделството.

Треба да знаете
Последни објави