Тевдовски: 2019 ќе биде година во која ќе растат платите, бројот на работни места и инвестициите

Следната година ќе биде година во која ќе растат платите, бројот на работните места и инвестициите. Ако 2018 година беше година на крупни реформи и поставување на темелите за еден подобар економски систем, 2019 треба да биде година во која веќе посериозно треба да се почуствуваат ефектите од овие реформi, вели во интервју за МИА министерот за финансии Драган Тевдовски.
Тевдовски наведува дека во 2018 година се направени системски решенија што ќе придонесат за намалување на дефицитот во ПИОМ, фискална консолидација, воведување  гарантиран минимален приход, но и отплата на наследените обврски.
На почетоков на годината истакнавте дека 2018 година ќе биде добра за македонската економија. Стоите ли на оваа изјава, сега веќе кога се гледа крајот на годината?
– Раст на платите, отворање нови работни места, поддршка на претпријатијата, одговорно управување со јавните финансии – се целите што сакаме да ги постигнеме. Ако ги погледнеме сите овие параметри во 2018 година, можеме да кажеме дека годинава беше добра за македонската економија.
Согласно последните податоци на Државниот завод за статистика, од почетокот на годината просечната плата е повисока за 5,7 отсто. Она што е особено важно е што има двоцифрен раст во секторите со најниски плати (текстил, облека и кожа). Невработеноста е намалена на 20,8 отсто и е најниска  досега. Отворени се 14.239 нови работни места, согласно последните податоци на статистика. После подолг период се враќа довербата на инвеститорите. Првите девет месеци странските директни инвестиции достигнаа 316 милиони евра, што е значително повисоко од вкупниот годишен износ минатата година. Извозот е за 16 отсто повисок во однос на лани. Расте индустријата, но и услужниот сектор. Второто и третото тримесечје имаме солидни остварувања на бруто-домашниот производ, а истото го очекуваме и за последното тримесечје годинава.
Направени се значајни реформи во јавните финансии. Годинава подготвивме три крупни реформи – даночната, пензиската реформа и реформа на социјалниот систем. Тие ќе обезбедат постепена фискална консолидација, намалување на дефицитот на ПИОМ, подобро таргетирање на социјалните трансфери и воведување минимален адекватен приход.
Исто така, со новиот Закон за јавни набавки се предвидува значително подобрување на системот на јавни набавки. Тој ќе донесе поголема транспарентност и поголема ефикасност во јавните набавки.
Направивме и системско решение за решавање на проблемот со неизмирените обврски оставени од претходната Влада. Сега имаме јасна евиденција, механизам да спречиме тие да се натрупуваат во иднина, додека голем број од обврските се веќе отплатени.
Во континуитет работиме и на подобрување на фискалната транспарентност. Годинава беше изработена веб-апликација „Граѓански буџет” на која се поставени буџетите за 2017, 2018 и 2019 година. Таа е едноставна и достапна за користење за широката јавност.
Каква е наплатата на даноците годинава?
– Остварен е висок раст на наплатените даноци и придонеси од  8,1 отсто заклучно со ноември 2018 година. Подобрата наплата кај сите видови даноци, како и придонесите, е уште една потврда за позитивните движења во економијата и вработеноста.
Истовремено, повратот на ДДВ се врши навремено, неселективно – по автоматизам. Повратот на ДДВ кон фирмите е зголемен за 18 отсто во однос на минатата година, тој изнесува 22,8 милијарди денари или 370,7 милиони евра.
Подготвени ли сте за спроведување на даночната реформа од следната година?
– Подготвени сме. УЈП е исто така подготвена. Воведување на фер даночен систем беше едно од ветувањата на Владата кон граѓаните. Решението беше претставено и дебатирано со засегнатите страни. Беа имплементирани дел од забелешките и сега сме подготвени за негово спроведување.
Дополнително, следната година, граѓаните ќе видат колку ќе им биде олеснета постапката за поднесување на годишна даночна пријава.
И годинава, но и за идната година предвидовте повисоки плати во јавниот сектор. Има ли ефекти покачувањето на платите и може ли буџетот да го издржи тоа на долг рок?
-Сакаме подобри услови за живот за сите граѓани. Прво, тоа значи повисок животен стандард, повисоки плати за сите граѓани, вклучително и јавниот сектор. Второ, тоа значи подобри услуги од јавниот сектор за граѓаните. Вработените кои се подобро платени се помотивирани, работат подобро. Во јавниот сектор, кај повеќето дејности платите не беа корегирани со години. Затоа имаме одлив на лекари, немотивирани наставници. Ова се столбовите на општеството.
Што сакаме да постигнеме? Сакаме најдобрите лекари, граѓаните да ги бараат во јавното, а не во приватното здравство. Сакаме образовните работници да бидат мотивирани да ги научат учениците, а не само да ја испредадат лекцијата. Сакаме да обезбедиме добри услуги за граѓаните во сите сегменти од јавниот сектор. Затоа напоредно се работи и на реформа во администрацијата. Потребни се силни и функционални институции.
Се залагаме за раст на платите и во приватниот сектор. Еден од првите чекори кои ги презема Владата беше покачувањето на минималната плата за сите сектори. Тоа придонесе за придвижување на спиралата на плати и повисок раст на просечната плата, особено кај оние дејности кои порано земаа плата под минималната. Тука се и мерките за поддршка на претпријатијата, кои поддржуваат подобро платени работни места.
Во однос на прашањето дали ќе може буџетот на долг рок да го сервисира покачувањето – секако, инаку не би било планирано. Во буџетот за следната година буџетскиот дефицит e намален во однос на оваа, како процент од БДП, но и во апсолутен износ. Значи, спроведуваме постепена фискална консолидација. Ова е клучен и неопходен чекор за стабилизација на јавниот долг на среден рок.
Кои се очекувањата за 2019 година, ќе биде ли подобра на економски план од годинава?
-Ако 2018 година беше година на крупни реформи и поставување на темелите за еден подобар економски систем, 2019 треба да биде година во која веќе посериозно треба да се почуствуваат ефектите од овие реформи. Очекуваме платите да продолжат да растат и догодина, да се отвораат нови работни места, да се интензивираат инвестициите и да продолжиме со агендата со евроатланските интеграции.
Политичката стабилност, отворањето на евро-атлантските перспективи и враќањето на довербата кај инвеститорите ќе придонесат кон раст на приватните инвестиции. Дополнителен инпут кон инвестициите ќе има и забрзувањето на поголемите јавни инфраструктурни проекти. Следствено, ги проектиравме бруто-инвестициите во 2019 година повисоки за 4,2 отсто на реална основа. Очекуваме да продолжат позитивните движења кај надворешната трговија, со очекуван реален раст на извозот на стоки и услуги од 8,5отсто, при реален раст на увозот од 6,8 отсто.
Согласно ваквите очекувања за движењето на домашната побарувачка, како и предвидувањата за меѓународното економско окружување, реалниот економскиот раст во 2019 година ќе забрза на 3,2 отсто. Ова е во согласност со најновите проекции на релевантните меѓународни и домашни институции (ММФ-2,8%, Светска банка-2,9%, НБРМ-3,5%). Предвидениот раст на економската активност се очекува да биде придружен со раст на вработеноста, поттикнат и преку активните мерки и програми за вработување, како и поддршката на домашните и странските претпријатија за отворање нови работни места. Оттука, проекцијата за раст на бројот на вработени во 2019 година изнесува 2,1 отсто, што ќе придонесе просечната стапка на невработеност да се намали на 20 отсто. Просечниот раст на нето-платата во 2019 година се очекува да изнесува 4,5 отсто на номинална основа.
Следната година во Буџетот се планирани најмногу средства за активните мерки за вработување, повеќе средства за претпријатијата, средства за бесплатно болничко лекување, за гарантиран минимален приход за социјалните категории, за инвестиции во инфраструктурата.
Продолжуваме со спроведување на реформите во јавните финансии. Во текот на 2019 година треба да имаме нов закон за буџети. Наскоро ќе ја презентираме платформата Open finance, преку која сите граѓани ќе имаат увид во исплатите од Трезорот во реално време.
Накусо, очекуваме година со натрупана агенда. Но 2019 година ќе биде и година за економски резултати, во која платите, бројот на работните места и инвестициите ќе растат.
Треба да знаете
Последни објави