Ливерпул продолжува со серијата победи во Премиер лигата, а една од главните причини за тоа природно е одбраната.
Синоќа против Вулверхемптон „црвените” победија со 2-0 и запишаа 11-та „сува мрежа” за кампањата. Тие, исто така, го израмнија рекордот на Челзи во 2005/06 и 2008/09 за најмалку примени голови до Божиќ – 7.
– Овој тим на дефанзивен план крши рекорди, за кои сметавме дека никогаш нема да бидат подобрени. Тоа е порака од играчите од одбраната, но и од Јирген Клоп, кој прави нешто, за кое не сметав дека е способен, прокоментира Џејми Карагер пред „Скај Спортс”.
Минатата сезона, тимот од Мерсисајд прими 38 гола и често не успеваше да ги затвори натпреварите во кои имаа водство. Сега сепак ситуацијата е поинаква и ако продолжат така можат да размислуваат за рекордот за најмалку примени голови во Премиер лигата, кој го држи Челзи со 15.
– Не го очекував тоа. Не постои начин на кој тим, кој примил 50 гола, да стане тим со најдобра одбрана без да се случи нешто неверојатно. Во основата се играчите, но и нивниот однос кон одбрана и тоа е навистина неверојатно, додаде Гери Невил.