Спасовски: Полицискиот синдикат е кредибилен партнер за ефикасно функционирање на МВР

Македонскиот полициски синдикат во годините наназад се етаблираше како реална синдикална сила која претставува кредибилен партнер во сите наши напори за квалитетно и ефикасно функционирање и реформирање на Mинистерството за внатрешни работи, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во обраќањето на централниот совет на Македонскиот полициски синдикат што се одржува во Охрид.

Тој посочи дека во изминатите година и половина со актуелното раководство на Министерството презеле не само обврски, туку и низа конкретни активности за генерално подобрување на статусот, на материјално-техничките и инфраструктурни услови за работа на полициските службеници.

-Подобрувањето на статусот и условите на работа, сфатени и како загарантирани права на полициските службеници се наш заеднички интерес, оти логиката е едноставна – само задоволен полициски службеник е ефикасен и професионален полициски службеник. Оттаму, реализираните активности за набавка на униформи за полициските службеници, проектот за санација и реконструкција на објектите во кои што тие работат и ги извршуваат своите работни задачи, кој што патем речено ќе продолжи и во наредната 2019-та година, зголемувањето на платите на униформираните полициски службници, ние ги разбираме само како дел од базичните предуслови кои што треба да не донесат до посакуваната цел – професионална, функционална и ефикасна полиција како сервис на граѓаните, рече Спасовски.

За наредната 2019 година предвидени се нови 70 милиони денари за реновирање на полициските станици, а за набавка на нови униформи нови околу 200 милиони денари. Во новата година предвидено е и зголемување на платите за пет проценти.

-Пред нас се уште многу активности, пред се во поглед на натамошна стандардизација и надградување на полициското работење и полициската професија. И во поглед на професионалниот интегритет, на професионалната стручност и знаења, на целосно операционализирање на законитоста и законите како алфа и омега на полициското работење, рече Спасовски и додаде дека се стремат кон цели што треба повторно да и ја вратат улогата и местото на полицијата во едно модерно, демократско и слободно општество, да го вратат нејзиното реноме и достоинство.

Тој во оваа прилика го повтори ставот дека како министер заедно со актуелното раководство на МВР остануваат отворени и недвосмислено заинтересирани за тесна и искрена соработка со Синдикатот.

– Убеден сум дека споделуваме заедничка цел – професионална и подготвена институција во која што ќе работат задоволни, стручни и амбициозни професионалци. Се разбира, пред Министерството за внатрешни работи како и пред Македонскиот полициски синдикат и натаму стојат крупни и сериозни предизвици со кои треба и мора во наредниот период да се соочиме, притоа со убеденост дека заедно можеме да дадеме и тоа како важен придонес не само во унапредување на работничките права, туку и во севкупно унапредување на нашата институција, рече министерот Спасовски.

Треба да знаете
Последни објави