Британската полиција соопшти дека денеска ги ослободила двајцата осомничени во врска со „криминална употреба на дрон” во околината на аеродромот „Гетвик”, поради што летовите беа откажани.
Полицијата наведува дека двајцата осомничени, маж и жена, соработувале со полицајците и дека повеќе не се осомничени. Тие беа уапсени во петокот вечерта, недалеку од аеродромот.
Управата на аеродромот вчера соопшти дека воздушниот сообраќај е оперативен, но патниците пред доаѓање, сепак, да го проверат статусот на нивните летови.
Претходно од аеродромот соопштија дека летовите се откажани поради сомнеж дека над пистата има дронови.
Аеродромот „Гетвик” завчера беше отворен, откако претходниот ден беше затворен повеќе од 24 часа поради дронови, кои летаа над пистата, оставајќи десетици илјади патници блокирани на аеродромот во екот на претпразничната сезона.
Британската полиција и сообраќајните служби соопштија дека преземаат дополнителни безбедносни мерки за да ги спречат дроновите да дојдат до аеродромот.
„Гетвик” годишно опслужува повеќе од 43 милиони патници.