Турција распоредува дополнителни сили на границата со Сирија

Турција почна да распоредува дополнителни сили во реоните долж границата со Сирија, кон кои се упатиле околу сто воени возила, јавија турските медиуми.

Според истите извори, кон пограничните реони се движат конвои од тенкови, топови и автобуси, кои превезуваат припадници на специјалните армиски единици.

Главнината од овие сили се стационираат на граничните пунктови, а помал дел ја приминале границата и се упатиле кон деловите од северна Сирија каде веќе се наоѓаат припадници на турската Армија.

Информациите за распоредување дополнителни сили на турската Армија на границата со Сирија доаѓаат само два дена откако претседателот на Турција, Реџеп Тајип Ердоган соопшти дека најавена воена операција во сириските реони источно од реката Еуфрат против Силите за заштита на народот на сириските Курди, се одлага „за неколку месеци”.

Ердоган на 12 декември најави дека „за неколку дена” Турција ќе започне воена операција против силите на сириските Курди во северна Сирија источно од Еуфарт, што наиде на остри реакции од страна на турските сојузници, кои започнаа притиоци врз Анкара да се откаже од офанзивата.

Анкара ги смета Силите за заштита на народот за сириски огранок на Курдската работничка партија (ПКК), која од 80-те години на минатиот век води вооружена борба за автономија на Курдите во Турција. ПКК е на листата на терористички организации на Турција, САД и ЕУ.

Од друга страна, САД ги сметаат силите на сириските Курди за свој важен сојузник во борбата против џихадистичката група Исламска држава (ИД) и ги обучуваат нивните припадници и ги опремуваат со оружје и техника.

Треба да знаете
Последни објави