Новинарот на германскиот неделник „Шпигел”, Клас Релотиус, кој измислуваше информации за своите текстови, може да биде обвинет дека од читателите собирал донации за сиромашните во Сирија.
„Шпигел” денеска соопшти дека Релотиус преку приватен имеил ги повикувал своите читатели да даваат донации кои биле уплаќани на неговата банкарска сметка.
Весникот наведува дека не е познато колку луѓе донирале, колку Релотиус собрал и што се случило со парите, но додава дека ќе поднесе тужба и ќе соработува со обвинителството со цел да се утврдат фактите.
„Шпигел” во средата објави дека Релотиус, кој на почетокот работел како „фриленсер”, а потоа бил вработен, измислувал интервјуа и факти во најмалку 14 стории. Веднаш потоа весникот му даде отказ.