Претседателот на Косово, Хашим Тачи се сретна попладнево со двајцата претседавачи на тимот за преговори со Србија, вицепремиерот Фатмир Лимај и лидерот на Социјалдемократската партија на Косово (ПСК) Шпенд Ахмети, со кои разговарал за последната фаза на преговори со Србија, јави дописникот на МИА од Приштина.
Според соопштението од кабинетот на Тачи, на средбата е разговарано за „неопходноста од продолжување на координацијата во текот на преговарачкиот процес и за искористување на моментумот за постигнување конечен сеопфатен и законски обврзувачки договор”.
Тој договор, според соговорниците, „на Косово треба да му обезбеди признавање од страна на Србија и зачленување во ОН, НАТО и Европската унија”.
– Овој моментум треба да се искористи и потребно е да се зајакне уште повеќе политичкото единство и да се говори со еден глас за Косово. Ова беше и јасно барање од претседателот (на САД, Доналд) Трамп упатено до косовските лидери, кое треба да го почитуваме, затоа што е во целосна согласност со нашиот државен интерес, се наведува во соопштението.
Косовското Собрание на 16 овој месец усвои резолуција за преговорите со Србија, со која се формира преговарачки тим, кој ќе го водат Лимај и Ахмети, а Владата на Косово на денешната седница го усвои нацрт-законот за задачите, одговорностите и надлежностите на тимот во процесот на дијалогот.