Австриската полиција го уапси Стефан Вилотијевиќ (23) и уште едно машко лице (29) кои биле заедно на ручек со Владимир Рогановиќ пред да биде убиен на излегување од ресторанот во Виена. 29-годишникот, кој не е повреден во пукањето, бил сослушан прво како сведок, но истрагата и резултатите од сослушувањето го смениле мислењето на полицијата.
„Даде неверодостојна изјава за настанот“, соопштил портпаролот на полицијата, Данијел Фирст. Тој нагласил дека поради тоа во овој момент не може да се исклучи можноста дека на извесен начин тој е поврзан со убиството на Рогановиќ. Полицијата не сакала да даде повеќе информации за да не ѝ наштети на истрагата која е во тек.
Во соопштението на полицијата се наведува само дека уапсениот 29-годишник е поврзан со организиран криминал.
Претходно, министерот за внатрешни работи на Србија, Небојша Стефановиќ, реќе дека српската полиција, на барање за помош од австриските власти, проследила информација за едно лице, односно вистинскиот идентитет на едно лице кое имало лажни документи.
Стефан Вилотијевиќ беше ранет во пукањето во Виена, но преживеа. Тој е уапсен по распишана меѓународна потерница, но полицијата не сакала да открие која држава го бара ниту, пак, зошто. Тој сè уште се наоѓа во болница, но под полициско обезбедување.
Рогановиќ член на озогласениот Кавачки клан од Котор, Црна Гора беше убиен во средата. Тој лани бил осуден во Белград на осум месеци затвор поради фалсификување документи. Откако ја отслужил казната бил префрлен во затвор во Подгорица, а бил ослободен пред две недели, поточно на 7 декември, по што избегал од Црна Гора, потврдиле извори од црногорската полиција за „Вијести“. Рогановиќ имал 31 година и статус на црногорски Корлеоне.