Форумот за демократска Македонија (ФДМ) го оценува Законот за амнестија, донесен од страна на Собранието не како акт на национално помирување, туку амнестија во замена за поддршка за уставните промени.
ФДМ се согласува дека е неопходно надминување на длабоките партиски и политички поделби во македонското општество, но цени дека Законот за амнестија не е соодветно решение во таа насока од неколку причини.
,,Законот се донесе по скратена законодавна постапка и тоа за време на веќе отпочната и за многу обвинети лица речиси завршена, судска постапка, со формирани но се’ уште недокажани обвинителни акти. Уредувањето на поединечните постапки за амнестија преку поднесување барање од самите обвинети, мислење на јавниот обвинител и решение на судот ги става и обвинетите, и обвинителот и судот во тешка и правно нелогична позиција.
Ослободувањето од одговорност на само една категорија учесници во настаните од 27. април, воведува правна нееднаквост (на пример, според Законот, лицата кои неовластено носеле оружје или распрскувачки материјали се подложни на кривична одговорност, додека пак лицата кои им помагале на организаторите на потешко кривично дело се амнестирани), што ги потенцира негативните последици од политичка интервенција во материја од надлежност на стручни казнено-правни органи.Селективната амнестија не води кон помирување, ами кон понатамошни поделби во државата”, се наведува во соопштението.
ФДМ смета дека помирување е возможно преку целосно утврдување на фактичката состојба, улогите и вмешаноста на разни чинители во настаните од 27. април, признавањето на вина и широк, отворен, јавен дијалог. Решенија како Законот за амнестија, го загрозуваат владеењето на правото и правната држава, особено преку искористување на правен институт за да се влијае врз работата на судството за политички цели.