И покрај значителниот пад во приливот на мигранти и бегалци, децата се уште се соочуваат со прекумерно полициско насилство на границите на Европската унија и за нив е исклучително тешко да добијат азил и да се обединат со своите семејства, соопшти во извештај меѓународната организација за заштита на човековите права „Спасете ги децата”.
Во него се наведува дека додека ризиците поврзани со спасувањето луѓе кои пристигнуваат по море се добро познати, односот и однесувањето на граничарите на копнените граници не е добро документирано.
Државите имаат право да контролираат кој влегува на нивна територија, но немаат право да вршат систематско и брутално насилство врз луѓе кои се обидуваат да ги искористат предностите на правото да добијат азил, против деца и ранливи семејства, нагласува организацијата.
Обрнувајќи внимание особено на Западен Балкан, организацијата наведува дека односот кон бегалците и мигрантите кои се обидуваат да стигнат до Грција, Хрватска, Унгарија, Романија, Бугарија, Србија, Албанија, Косово и Македонија, за да поднесат барања за азил, неретко е грубо и тие често насилно се враќаат од границата.
Партнерска организација на „Спасете ги децата” во Белград собрала 1.376 сведоштва за вратени луѓе, меѓу кои и деца, во 2018 година, од кои 934 биле без придружба и разделени од своите семејства. Прекумерна употреба на сила од страна на полицајци или граничари била пријавена во 515 случаи во кои биле засегнати и деца, а 436 биле деца кои патувале сами.
Најголем број вратени луѓе, меѓу кои и деца, во 2018 година имало на границата меѓу Србија и Хрватска (274), додека најголем број на насилни враќања имало на границите меѓу Бугарија и Турција (154), Македонија и Грција (87), Грција и Турција (85), Хрватска и Србија (48), пишува во извештајот.
Деца, кои патувале со своите семејства или сами, изјавиле дека биле заплашувани, во некои случаи и со оружје, и биле тепани од граничари кои ги удирале и клоцале, често и со палки. Тие сведочеле дека биле бркани и гризени од кучиња и биле понижувани, понекогаш ги принудувале и да ја соблечат облеката и чевлите.
Според сведоштвата, некои граничари користеле и бибер спреј, им ги одземале телефоните на бегалците и мигрантите и ги кршеле, или им одземале пари и други вредни предмети. Децата и нивните семејства сведочат дека ги чувале затворени, понекогаш без храна или вода.
Во рамките на ЕУ, поради недостиг на внатрешни безбедни начини за движење, сместување и на брзи процедури за обединување на семејства, се уште има небезбедно движење на семејства и деца, истакнува „Спасете ги децата”.
На граничните премини во Франција, деца без придружба на возраст од 15 до 17 години се обидуваат да избегаат од граничните контроли и се кријат во возови и камиони. Познато е дека одат по должината на железничките пруги и преминуваат преку опасни планински патишта. Децата мора да бидат заштитени каде и да се, со цел да се избегне непоправлива штета, како што е минатогодишната трагична смрт на едно авганистанско девојче кое го удри воз во близина на граничниот премин меѓу Хрватска и Србија, откако беше вратена од хрватската полиција.