Во Музејот на македонската борба денеска беше отворена изложбата „Спомени од Првата светска војна“. На отворањето се обрати министерот за култура, Асаф Адеми.
Адеми пред посетителите, меѓу кои и амбасадорот на Република Франција во Република Македонија, Кристијан Тимоние, истакна дека светот годинава преку многубројни активности и иницијативи ја прославува 100-годишнината од крајот на еден од најдраматичните и најкрвави настани во човештвото, во кој учествувале повеќе од 65 милиони луѓе од 30 земји во светот и кој однесе 35 милиони жртви.
„Првата светска војна остави неизбришливи траги во колективната меморија на народите, а денешната изложбата е само еден од настаните со кои Република Македонија се приклучи кон светските иницијативи за одбележување на 100- годишниот јубилеј“, рече Адеми.
Тој додаде дека станува збор за тематска презентација на историските настани и процеси во земјава и во регионот претставени низ богатиот музејски фонд на пишани, визуелни, документарни и лични предмети, преку кои денеска дознаваме повеќе за животот во Големата војна, но и за војната во секојдневниот живот.
Изложбата се реализира со поддршка од Министерството за култура, а носител на проектот е Музејот на македонската борба во соработка со Музејот на Македонија и Заводот и музеј Битола.