Тотенхем ги потврди своите аспирации во борбата за титулата во Премиер лигата со страшната победа која ја оствари на гостувањето на „Гудисон парк“, декласирајќи го силниот Евертон со 2:6 на негов терен.
Гостите од Северен Лондон покажаа завидна ефикасност и воиграност на едно од потешките гостувања во лигата, а покрај тоа што Маурисио Покетино имаше причина за задоволство од играта на неговите фудбалери, се радуваше и на еден јубилеј кој беше одбележан со неверојатна коинциденција.
Во текот на вчерашниот ден, Покетино славел 26-годишнина од свадбата со својата сопруга, а неверојатна е симболиката што натпреварот на „Гудисон парк“ заврши 2:6. Сето ова ги натера новинарите да одработат специјално интервју со аргентинскиот стручњак, кој призна дека е изненаден од коинциденцијата, напоменувајќи дека можеби ова е и некаков знак од универзумот на денот кога прославува 26-годишнина со својата сакана.
– Ова е неверојатно. Сакам да и ја испратам сета моја љубов и честитки до мојата сопруга. Јас верувам во енергијата на универзумот, цел ден барав подарок за мојата сопруга. 2:6, ова е неверојатно, ова е подарокот за неа, – порача Покетино кој со својата изјава изнуди и насмевки од новинарите.