Законот за данок на личен доход доцна попладнево беше изгласан во Собранието и со тоа за една седмица или поточно од 1 јануари в година се напушта концептот на рамен данок и се воведува прогресивно оданочување.
Според министерот за финансии, ова е праведно решение, а од опозицијата сметаа дека ова е катастрофа за македонската економија и не се согласуваат со одлуката на владејачкото мнозинство.
Со законот се предвидува даночна стапка од 10 проценти, а се воведува и стапка од 18 проценти, која ќе се однесува на даночна основа што надминува еден милион и осумдесет илјади денари на годишно ниво, односно 90 илјади денари на месечно ниво. За даночната основа до еден милион, 80 илјади на годишно ниво, како и до 90 илјади месечно, останува примената на постојната даночна стапка од 10 отсто.
Исто така, се предлага и даночењето на доходот од закуп, подзакуп, дивиденди, капитални добивки, игри на среќи и друг доход да се врши со примена на единствена даночна стапка од 15 отсто.
На расправата во Собранието ѝ претходеше јавна расправа на која во однос на оваа тема остро реагира претставници на бизнис-заедницата.