Според многумина тој е најдобриот фудбалски тренер на сите времиња и вистинска икона на спортот, а кај навивачите на Манчестер Јунајтед ужива статус на Бог. Британските медиуми пишуваат за враќањето на сер Алекс Фергусон во Манчестер Јунајтед, овојпат во улогата на советник на Оле Гунар Солскјаер.
Фергусон имал голема улога во назначувањето на Солскјаер за нов тренер на Манчестер Јунајтед, па сега англиските медиуми известуваат дека тој веројатно ќе биде ангажиран како негов советник до крајот на ангажманот на Норвежанецот.
Кариерата на Оле Гунар Солскјаер како тренер на Манчестер Јунајтед започна одлично, со победа на гостувањето кај Кардиф со резултат 1:5. Отпуштањето на Жозе Мурињо ќе донесе и нов начин на работа во клубот, па Солскјаер инсистира да има редовни состаноци со Фергусон за да се обезбеди константен напредок на клубот – нешто што „Специјалниот“ избегнуваше да го прави.
Бидејќи Солскјаер ќе остане во клубот само до крајот на сезоната, Фергусон ќе биде негов советник и ова дуо ќе се обиде да ја надомести штетата која ја предизвика Мурињо. Но, обединувањето на екипата не застанува тука. Веќе подолго време клубот инсистира на назначување на спортски директор, а како најсериозен кандидат се издвојува уште една клупска икона – Питер Шмајхел.
„Размислувам да аплицирам за позицијата спортски директор. Како секој друг фудбалер, сакам повторно да се вратам во клубот за кој навивам. Имам енергија и едукација која сметам дека би ми помогнала правилно да ја извршувам работата. Ќе размислам за време на празниците. Доколку и понатаму сметам дека сакам да ја преземам позицијата, тогаш може да очекувате дека ќе аплицирам за неа“, изјави Шмајхел.
Веќе во следното коло Манчестер Јунајтед на домашен терен го пречекува тимот на Хадерсфилд – натпревар од кој домашните навивачи ќе очекуваат освојување на трите бода и враќање во трката за пласман во европките натпреварувања.