Заштитните мерки на Европската Унија за увоз на производи од челик, алуминиум и железо со кои е опфатена и Република Македонија со кои се воведуваат квоти за извоз на овие производи во ЕУ кои откако ќе бидат исполнети воведува царина од дури 25% се драматичен удар за македонската економија што на виделина ја исфрла целосната неспособност на Владата на Заев, Димитров, Шекеринска и Анѓушев. Имено, оваа четворка не направи ама буквално ништо Македонија да биде изземена од овие мерки на ЕУ, изјави Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ. Според него, шетата од овие мерки ќе биде 200 милиони евра, а 5 000 луѓе ќе останат без работа.
Тој додаде дека металуршката индустрија е еден од најголемите извозници и на неа се потпира голем дел од бруто-домашниот производ, како и економскиот раст.
„Тука би сакале да ги коригираме проекциите на Владата коишто велат дека штетата ќе биде околу 100 милиони евра. Штетата ќе биде 200 милиони евра, директна во капацитетите кои произведуваат, како и индиректна во компаниите кои произведуваат ,како и индиректна во комапниите кои што ги опслужуваат. Сè на сè во 2019 година може да се очекува колапс на оваа индустрија и околу 5 000 луѓе да останат на улица“, рече Николовски.
Тој рече дека ВМРО-ДПМНЕ ја повикува Владата да формира кризен штаб со претставници на Владата и компаниите кои се најзасегнати и проблемот да се решава на највисоко ниво, потоа да воведе даночни олеснувања за овие компании, да воведе олеснувања во делот на придонесите за здравствено, пензиско и персонален данок за работниците од овие индустрии за да не ги изгубат своите работни места, премиерот лично да тргне од главен град до главен град на земјите членки на ЕУ да се среќава со сите што ќе го примат и да моли овие квоти да не важат за Македонија и да формира тело составено од претставници на владата и најзегнатите компании коишто активно и итно ќе почнат да бараат нови пазари за овие производи како загубата би била што помала.
Исто така, рече тој, сите кадровски и стручни потенцијали на ВМРО-ДПМНЕ стојат на располагање и ги нудиме како такви да ѝ помогнеме на владата.