Nеспособниот Мицкоски нема идеја па поднесува неосновани интерпелации, партизацијата на МВР заврши со заминување на ВМРО-ДПМНЕ, полицијата сега работи ефикасно, реагираат од СДСМ на најавата дека ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе интерпелација за министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.
„Неспособниот Христијан Мицкоски нема план, нема идеја, нема визија за општеството и напредокот на државата па поднесува неосновани интерпелации. Мицкоски покажува дека е недостоен за граѓаните и за Македонија, преку неосновани барања за интерпелација се обидува да го закочи реформскиот процес, да ги забави процесите кои Македонија ја носат во ЕУ и НАТО. Времето кога полицијата беше злоупотребувана во партиски цели, кога цветаше криминалот, кога се криеја убиства, а МВР беше претворена во МВРО-ВМРО, заврши со заминувањето на антинародното ВМРО-ДПМНЕ во опозиција“, велат од СДСМ.
Како лева рака на Никола Груевски, додаваат од партијата, и неспособниот Мицкоски има директна одговорност за 11-те криминални години во кои злоупотребената полиција го бранеше криминалот на власта наместо да го гони.
„Нема повеќе ВМРО-МВРО, партиски штабови и заштита на криминалците, полицијата денес работи одговорно, независно и професионално, како вистински партнер и заштитник на граѓаните“, велат од СДСМ.