Со слушање на нови аудио разговори предложени од Специјалното јавно обвинителство, кои се „реплика” на доказите на обвинетите, а се однесуваат на гласањето во ДИК, во Кривичен продолжува судењето за предметот „Титаник 2”.
Во „бомбите” се слушна како поранешниот премиер Никола Груевски и новинарот Драган Павловиќ Латас на 28.03.2013 година разговараат за тоа дека има повторно гласање на неколку места во Македонија.
Во друг разговор наредниот ден поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков му вика на новинарот Латас дека од „нешто треба да прават драма три дена”, на што Латас, пак, вели дека ќе “видиме колку сега Заев кошта”.
Од аудио разговорите можеше да се чуе и како разговараат Латас и екс министерот Никола Тодоров. Тодоров му вика на Латас дека „драма се случува во ДИК” и “за Кичево и Струмица да се збори цела недела” бидејќи „се случил мега скандал за кој Латас треба да го објави”. Во друг разговор Тодоров му се јавува на Латас да го информира за гласњето во ДИК и му вели дека „ДПА во ДИК гласаше за нас, а ДУИ за СДСМ, така да добиваме, 4:3 за нас”.
Случајот “Титаник 2″ се наоѓа во доказна постапка и се однесува на изборни нерегуларности на локалните избори во 2013 година. Во „Титаник 2″ обвинети се лидерот на ДПА, Мендух Тачи, поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, како и поранешните членови на ДИК, Бедредин Ибраими, Анета Стефановска, Влатко Сајковски и Сашо Срцев.