Сефер Цаноски, синот на бизнисменот Фиат Цаноски и сопственик на комплексот „Космос“, во сведочењето за случајот „ТНТ“ на СЈО рече дека ги молел бизнисменот Орце Камчев и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, да влијаат кај Никола Груевски да не се урива објектот, објави makfax.com.mk
„Прв комшија ми беше Орце Камчев. Го замолив да разговара со таа власт, ако може да не одат на најцрното сценарио. Некој ден потоа ми беше кажано дека тој е близок со Сашо Мијалков, а не со Никола Груевски“, кажа Цаноски.
Сведокот кажа дека и Али Ахмети бил запознат со уривањето и дека лично му кажал оти објектот ќе биде урнат бидејќи татко му ја напуштил коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ.
На почетокот на рочиштето судијата Огнен Ставрев соопшти дека адвокатот на Никола Груевски, Еленко Миланов го откажал полномошното да го застапува, па поранешниот премиер ќе го брани Мехмед Сефери, адвокат кој судот му го додели по службена должност.