Кинеската филмска ѕвезда Чау Јун Фат, мултимилионер кој се прослави во акциони филмови и во светски познатиот филм „Crouching Tiger, Hidden Dragon“, вели дека ќе го донира богатството во хуманитарни цели по неговата смрт.
Скромниот 63-годишен актер од Хонг Конг вети дека парите ќе ги донира во добротворни цели. Тој е познат по скромниот начин на живот, се вози со градски превоз и често чека во долги редици за да купи карта за филм во кој тој глуми.
За првпат се појави на листата на најбогати луѓе во 2015 година, делејќи го 24 место со Расел Кроу. Се проценува дека има богатство од околу 630 милиони евра.
„Парите не се нешто што вечно ви припаѓа. Кога ќе умреме, на другите им остануваат да ги користат“, вели тој.
Актерот ја има поддршката на сопругата Јасмин Тан, која вели дека и покрај парите тој често јаде храна подготвена на улица како што е обичај во Кина и дека никако не сакал да се одвои од својата сакана Nokia сè додека уредот не престанал да работи.
Чау двапати бил женет, нема деца. Во 1991 година Јасмин била бремена, но бебето било мртвородено. Во интервју таа претходно има изјавено дека ѝ биле потребни 7 години за да ја преболи смртта на ќерката која толку ја посакувале.
Актерот се има појавено во повеќе од 120 филмови и 24 ТВ серии.