Годината зад нас беше година на раст на платите, намалување на невработеноста, економски раст и развој, повеќе пари кај граѓаните, изјави на денешната прес-конференција пратеникот од СДСМ и коалицијата, Костадин Костадинов.
„Се отвори спиралата на раст на платите и можностите за подобрување на животниот стандард. Просечната плата во октомври 2018 изнесува 24 817 денари, што е за 6,3 отсто повеќе отколку за истиот месец во 2017 година.
Порасна и минималната плата од 9 на 12 000 и истата важи за сите стопански гранки. 90 000 граѓани, 90 илјади семејства денес добиваат поголема минимална плата и имаат олеснет живот.
Работниците кои добиваа најниски плати, во кожарската, текстилната и чевларската индустрија сега добија поголеми плати за 30 отсто. Вработените во болниците, училиштата и градинките добија 5 отсто поголеми плати“, изјави Костадинов.
Планот за економски раст, реалните економски политики и активни мерки за вработување, вели тој, даваат резултат и додава дека оваа година се отворени над 14 000 нови работни места, а невработеноста опаѓа и сега изнесува 20,8 отсто.
„Платите ќе продолжат да растат во сите сектори, а невработеноста ќе продолжи да се намалува. Во следната година повисоки плати од 5 отсто ќе добиваат вработените во образованието, здравството, градинките, социјалните служби, одбраната, судството, полицијата, докторите, специјалисти ќе добиваат 10 отсто повисоки плати.
Средствата за активни мерки за вработувања во буџетот за 2019 се на рекордни 1,1 милијарда денари. Тоа ќе придонесе невработеноста да се намали на под 20 проценти“, изјави Костадинов.
Тој посочи дека тие продолжуваат и понатаму да работат на спроведување на мерките што, како што вели, обезбедуваат напредок, економски раст и повисок животен стандард за сите граѓани.