Словенецот Сташ Скубе кој минатото лето дојде во Вардар за да ја пополни празнината по заминувањето на Хрватот, Лука Циндриќ одлично се снајде во новата средина, па сега со право може да бара од Дедо Мраз во 2019 година да му ја исполни желбата, да го види Келн, заедно со Вардар.
„Во новата година си посакувам здравје и успешен Вардар. Па да играм на Ф4 заедно со Вардар, а на останатите во 2019 година им посакувам многу среќа и бројни задоволства“ – вели Скубе.
Тој за годинава што веќе одминува рече дека ќе ја памети по освојувањето на финалето во унгарската национална лига со Пик Сегед, како и преминувањето во скопски Вардар.
За престојот во главниот град на Македонија, Скубе смета дека е убав град, посебно во декември, со новогодишни декорации, но вели му сметаат возачите и постојаниот метеж.
„Она што најмалку ми се допаѓа во Скопје е како возачите возат, а тоа е дополнето со големи турканици и застој во сообраќајот, па за да стигнеш било каде, ти треба многу време“ – вели брзиот Словенец.