Претседателот на Косово, Хашим Тачи изјави денеска дека според сознанијата кои што ги има од истрагата, убијците на лидерот на Граѓанската иницијатива СДП, Оливер Ивановиќ се наоѓаат во Белград.
Тачи на новогодишната конференција за медиуми изјави дека властите во Србија ќе соработуваат со цел убијците да бидат изведени пред лицето на правдата.
,,Според сознанијата коишто ги имам, истрагата е во многу важна фаза и главните осомничени се во белград, така да ни преостанува соработка и со меѓународните органи и со Белград за да бидат уапсени осомничените за убиството на Ивановиќ”, рече Тачи.
Зборувајќи за Специјалниот суд и повиците кои ги добиле поедини поранешни команданти на ОВК за да се појават пред судот, Тачи рече дека Косово нема од што да се плаши и дека тука нема простор за политика.
,,Време е црниот облак да се тргне од Косово. Имавме случаи и порано кога оние што се најдоа пред лицето на правдата излегоа чисти и без вина. Борбата на ОВК беше праведна и чиста. Ги повикувам сите кои добиле покана да одат на сослушување”, рече Тачи.