Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев денеска присуствуваше на седницата за пратенички прашања во Собранието на Република Македонија и одговараше на пратенички прашања.
Премиерот Заев, на пратеничко прашање да го коментира писмото од амбасадорот Џес Бејли, во врска со посочувањето за неосновано поврзување на негово име со судски одлуки и дали министерката за правда во Судскиот совет ќе покрене истрага, рече дека веќе дал насока во неговиот Кабинет да се стапи во контакт со амбасадата на САД за да се добијат повеќе информации.
-Го сфаќам како порака никој да не се вади на амбасадата за судски одлуки. Ова е доволен сигнал да преземеме анализи што е причината за тоа писмо. Да, ќе дадам инструкции до министерката за правда да го отвори прашањето во Судскиот совет. Ако имало таква работа, да се посочи и да има одговорност, рече премиерот Заев.
Претседателот на Владата, Заев, посочи и дека разговарал со претседателот на Европската комисија, Јункер, во врска со квотите за челик од Комисијата, на пратеничкото прашање што се презема во врска изразената загриженост од стопанственици. Премиерот Заев објасни дека се добиени плус проценти од првичната квота, дека нема намалување, дека ако се успее во постигнувањето на 5-те проценти, а има неискористени квоти од други земји, ќе можат да се употребат производи од Македонија и дека за прашањето, од Комисијата остануваат отворени за соработка.
-Охрабрен сум од неговиот пријателски однос кон Македонија. Европската унија сака да испрати пораки на охрабрување кон Македонија кон стопанството во Македонија, рече премиерот Заев.
Во врска со иницијативата за воведување заменици директори во сите јавни претпријатија, премиерот Заев одговори дека и сега јавни претпријатија имаат заменици, а „сега со законот се овозможува секаде да има, каде што има потреба“. Тој на пратеничката реакција околу трошоците, објасни дека се незначителни во однос на ефектите, ако од нив се задоволни граѓаните, како и дека најголем дел од Буџетот, како што знаат и граѓаните, се наменети да растат платите, социјалната помош и за услуги кон граѓаните.
Премиерот Заев во врска со спроведувањето на мерката “младинска гаранција“ појасни дека од спроведувањето во трите општини во Македонија, веќе има 1200 вработени млади луѓе, дека огромен број од младите користат дообразование или се вклучени во тренинзи и дека следната година ќе биде проширена и во други општини.
-Дава резултати во Европа, ќе дава и кај нас, рече премиерот Заев.
Претседателот на Владата, Заев, посочи дека конкурсите за вработување се спроведуваат транспарентно, дека во последните неколку месеци се отворени околу 47.000 работни места, најмногу во приватниот сектор и дека очекува следната 2019 година видливо да се намали бројката невработени. Тој исто така, во одговор на пратеничко прашање, рече дека Македонија се развива низ концептот Едно општество за сите, дека денес повеќе се грижи за сите граѓани, дека дава шанси на граѓаните од сите етнички заедници и еднакво се вложува и во развој на регионите во Македонија, независно од етничката припадност на населението.