Синоќа Интер и Наполи одиграа одличен натпревар на „Џузепе Меаца“ во Милано кој домаќините го добија со голот на Лаутаро Мартинез во судиското продолжение.
Фудбалерите на Интер подобро го отворија натпреварот и во првото полувреме имаа неколку шанси кои што пред се Жоао Марио и Икарди не успеаа да ги искористат и да им донесат водство на „Нераѕурите“.
Во второто полувреме, Наполи се консолидираше и започна да игра далеку подобро, а паралелно со тоа и растеше тензијата на трибините, при што навивачите на Интер упатија расистички навреди на сметка на Кулибали. Сето тоа се случуваше во текот на целиот натпревар, па стоперот на Наполи „експлодираше“ во вториот дел кога го фаулираше Политано и доби жолт картон, а поради ироничниот аплауз на судијата, доби и црвен картон.
Во финишот на натпреварот во игра влегоа и Лаутаро Мартинез и Кеита Балде, односно Спалети со сите сили тргна во напад на противникот. Наполи сепак имаше една шанса, но ударот на Зиелински на самата гол-линија го стопираше Асамоа, за потоа Лаутаро Мартинез да погоди во 91 минута за општо лудило на „Џузепе Меаца“.
Пред самиот финиш на натпреварот гостите заработија уште еден црвен картон откако Лоренцо Инсиње го удри Балде.