Австралија по божикните празници на континентот е погодена од топлотен бран. Бранот кој се шири низ земјата со себе носи рекордно високи температури, пренесуваат светските медиуми.
Како што јавува британски „Гардијан“ на западот од Австралија се прогнозирани температури до 49 степени Целзиусови, а покрај тоа, прогласена е и опасност од пожари. Исто така, ваквите временски услови се прогласени за опасни по здравјето, а ширум земјата се издадени бројни предупредувања во врска со квалитетот на воздухот.
Се очекува екстремно високите температури да се задржат до Нова Година.
Во вторникот наутро, метеоролошката агенција на Австралија предвиде дека температурите ќе достигнат 49 степени Целзиусови во повеќе области лоцирани на западниот дел од земјата.
Во меѓувреме, Националната метеоролошка канцеларија објави дека во Марбл Бар се измерени 49,1 степени. Како што пишуваат австралиските медиуми, ова е највисоката температура регистрирана на тоа место од почетокот на мерењата во 1895 година.
Оваа температура е само за 1,6 степени под највисоката температура што некогаш била забележана во Австралија, а која изнесува 50,7 степени Целзиусови и била регистрирана во 1960 година на аеродромот во Уднадата на југот на Австралија.