САД одлучија да ги повлечат војниците од Сирија благодарение на чекорите што ги презеде Турција, изјавил турскиот министер за надворешни работи Мевљут Чавушоглу, јави турскиот весник „Милиет”.
– Турција беше клучен фактор во одлуката на САД да се повлече од Сирија. Благодарение на одлуките што ги донесовме, САД ги повлекуваат своите војници, рекол Чавушоглу.
Американскиот претседател Доналд Трамп на 19 декември ја објави својата одлука да започне со повлекување на американските сили од Сирија. Тој ја образложи одлуката со тоа дека е постигната победа над Исламска држава во Сирија и оти тоа била единствената причина за присуството на вооружените сили на САД. Според американските официјални лица, повлекувањето на повеќе од 2.000 луѓе ќе трае меѓу 60 и 100 дена.