Лидерот на српската опозициска Народна партија, Вук Јеремиќ, денеска изјави дека бојкот на изборите во Србија би имал смисла ако тоа биде заедничка одлука на целата опозиција.
Според него, српскиот претседател Александар Вучиќ најверојатно планира да распише вонредни избори пред потпишувањето на т.н. сеопфатен договор меѓу Белград и Приштина.
– Ќе побара поддршка од народот за тој договор, кој нема да биде претставен конкретно, туку како одлука меѓу мирот и војната, а потоа изборите ќе ги украде, со надеж дека меѓународниот фактор ќе ја сврти главата поради Косово, изјави Јеремиќ.
Тој нагласи дека протестите што се одржуваат во Белград секоја сабота „се граѓански”, додавјќи дека на 29 декември на протестниот собир „ќе биде изразена најголема енергија на граѓаните до сега”, што, според него, е јасен индикатор дека ситуацијата се менува во споредба со претходните месеци и години.
– Овие протести се многу поголеми од протестите на самата опозиција и можеби ова е една од причините зошто досега беа толку успешни. Народна партија и другите членки на Сојузот за Србија даваат само логистичка поддршка, како што се обезбедување на редари, изјави Јеремиќ.
Протестите во Белград против насилството, под мотото „Стоп на крвавите кошули” и „Еден од пет милиони”, беа одржани на 8, 15 и 22 декември, а следниот собир е најавен за в сабота, 29 декември.