Вчерашниот Боксинг деј донесе многу радости за Ливерпул, Тотенхем и Челзи, но не беше толку среќен за актуелниот шампион Манчестер Сити, кој загуби во втор натпревар по ред и му дозволи на Ливерпул да се оддалечи на поголема бодовна разлика на врвот на табелата.
Бернардо Силва го отвори натпреварот со гол во 14 минута од првото полувреме, но само пет минути подоцна Марк Олбрајтон израмни на 1:1. Шокот за Манчестер Сити пристигна во 81 минута, коа Рикардо Переира постигна нов гол за Лестер и му го нанесе само третиот пораз на актуелниот шампион оваа сезона.
Вториот пораз во серија доаѓа во најлош момент за Манчестер Сити, кога нивниот најголем конкурент Ливерпул ја подобрува играта и засега изгледа како вистински конкурент за титулата. Проблемите на Сити и Гвардиола не застануваат таму – Тотенхем игра подобро со секој изминат натпревар и веќе се вклучи во трката за титулата.
„Ливерпул и Тотенхем ги заслужуваат овие резултати, тие играат подобро и победуваат повеќе од нас во последниот период. Минатата година ние имавме голема разлика на врвот на табелата, сега Ливерпул и Тотенхем се многу подобри“, изјави Пеп Гвардиола веднаш по натпреварот.
Составот на Лестер во последните два натпревари ги совлада големите фаворити Челзи и Манчестер Сити, и со тоа се приклучи во борбата за пласман во европските натпреварувања.