Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, оствари средба со претставникот на УНИЦЕФ во Македонија, Бенџамин Перкс. За време на средбата, соговорниците разговараа за приоритетите на оваа меѓународна организација во земјата, при што, Османи изрази огромна благодарност за континуираните активности што ги спроведува УНИЦЕФ во Република Македонија, а чија главна цел е поддршка и заштита на правата на децата.
„Сѐ уште имаме предизвици на кои мора да работиме за да го постигнеме европскиот просек за квалитетот на детската заштита, а за што, неопходна е и поддршката, експертизата и посветеноста на УНИЦЕФ“, истакна Османи, изразувајќи искрена благодарност и за огромната поддршка и улогата на УНИЦЕФ во изминатиот период, особено за време на мигрантската криза, преку обезбедување на помош на децата-бегалци и мигранти што минуваат низ нашата земја.
На средбата Османи го реафирмираше ставот дека на Македонија ѝ е потребна политика за поддршка на семејствата кои го прифаќаат предизвикот да имаат трето дете. „Македонија е сѐ уште земја во развој, на која ѝ претстои значаен период за да го достигне европскиот стандард, што, пак, ги обесхрабрува семејствата да оформат поголеми заедници, како последица на нивната загриженост за условите кои ќе можат да им ги обезбедат. Токму затоа државата треба да обезбеди соодветна поддршката за повеќедетните семејства“, истакна Османи, посочувајќи на потребата да се отвори посуштинска дебата за родителскиот додаток за трето дете.
На крајот Османи ја потврди заложбата на земјава за членство во Европската Унија, токму на основа на прифаќањето и имплементацијата на европските вредности, како што е заштитата унапредувањето на правата на децата и изрази надеж дека УНИЦЕФ ќе продолжи со поддршка на реформите неопходни за евроатлантската интеграција на Република Македонија, а кои се однесуваат на оваа област.