Спасовски: Централата во ОЈО е набавена 2012, за можноста за снимање укажав уште во април

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска одговарајќи на пратеничко прашање во врска со прислушувањето во Основното јавно обвинителство рече дека телефонската централа во Обвинителството е набавена во 2012 година и оти имала можност за снимање на разговорите.

Иста таква централа, како што посочи Спасовски, има и во зградата на Основниот суд Скопје 1, но бидејќи објектот се уште не е во употреба, не може да се злоупотреби.

За ова, Спасовски уште во април на средба ги информирал јавниот обвинител на Република Македонија, претседателот на Кривичниот суд Скопје 1 и заменикот на министерот за правда.

– Преку извори, овие информации ни ги дадоа луѓе и јас ги информирав јавниот обвинител на РМ, претседателот на Кривичниот суд Скопје 1 и заменик министерот за правда на состанок во април на кој им дадов сознанија и укажавме на можноста да биде злоупотребено снимање на разговори во централата во ОЈО. Станува збор за централа набавена 2012 година со можност за снимање на разговорите и таквите разговори можеле да бидат користени исклучиво од тој кој раководи со институциите, рече Спасовски.

Очекува дека точно ќе се открие кој ја искористил ваквата можност и зошто била потребна набавка на ваква централа со можност за снимање.

Основното јавно обвинителство во ноември излезе со информација дека разговорите од фиксните телефони биле прислушувани од 2016 година.

Треба да знаете
Последни објави