Поранешниот потпретседател на францускиот екстремно десничарски Национален фронт, Флориен Филипо ги регистрираше „жолтите елеци” како симбол на неговата нова партија Патриоти за изборите за членови на Европскиот парламент во 2019 година.
Флориен, кој е поранешен близок соработник на лидерката на Националниот фронт, Марин ле Пен, изјави дека планира за европските избори да поднесе листа на која половина од кандидатите ќе бидат од редовите на неговата екстремно десничарска партија Патриоти, а другата половина ќе ја сочинуваат претставници на движењето на „жолтите елеци”.
Движењето на „жолтите елеци” се појави во ноември како протестно движење поради зголемувањето на таксите за горивата, но прерасна во масовно движење против политиката на францускиот претседател Емануел Макрон.
Покрај екстремната десница, интерес за привлекување на претставниците на „жолтите елеци” на своите изборни листи пројави и крајната левица.
Според анкетата на агенцијата ИФОП, на изборите за Европскиот парламент околу 13 отсто од Французите би гласале за евентуалните кандидати на „жолтите елеци”.