УЕФА ги осуди расистичките навреди на навивачите на Интер против дефанзивецот на Наполи, Калиду Кулибали за време на натпреварот на 18-тото коло на Серија „А”. На крајот на средбата, 27-годишниот Сенегалец доби два жолти картони за една минута и беше избркан.
– Меѓународната федерација на професионални фудбалери и УЕФА заеднички ги осудуваат расистичките навреди против Кулибали. Ние веруваме дека расистичките скандирања кон играчот, кој требаше да го напушти теренот по добивањето на вториот жолт картон, се неприфатливи и не треба да ги има во фудбалот, се вели во изјавата.
Двете организации ги поддржуваат италијанските фудбалски власти во сите дополнителни мерки што ќе се преземат за борба против расизмот на стадионите.
Интер е казнет со два меча без навивачи на „Џузепе Меаца”. Кулибали пак доби 2 натпревари казна за црвениот картон во победата на „нероазурите” над тимот од Неапол со 1:0 во средата.