Активности на полицијата во полошко против продажбата и употребата на пиротехнички средства

Над 13.000 парчиња пиротехнички средства, најмногу петарди,  одзела полицијата изминативе седум дена во Тетово и Гостивар во рамки на засилените активности за спречување, откривање и законско санкционирање на продажбата и употребувањето на различните видови пиротехнички средства и особено петарди.

Како што информираа од СВР Тетово, во овие активности вкупно три лица, две во Тетово и едно во Гостивар, биле лишени од слобода и по целосното расчистување на сите поединости ќе им бидат изготвени кривични или прекршочни поднесоци за „недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи”.

Оттаму посочија дека ќе продолжат со секојдневните контролни активности во објекти и на импровизираните тезги за кои има сознанија дека нудат пиротехника, а секаде каде ќе бидат пронајдени вакви средства ќе следуваат законски предвидените поднесоци.

Само вчера во две одвоени акции во Тетово на булеварот„Маршал Тито” биле одземени скоро 11 илјади петарди и огномети.

Во првиот случај при контрола на автомобил „мерцедес” со тетовски регистерски таблици управувано од Д.А.(30) биле пронајдени 10.223 парчиња разновидни пиротехнички средства што биле фотодокументирани и одземени за вештачење. Д.А. бил лишен од слобода и задржан во Полициската станица Тетово за целосно расчистување на случајот.

Во вториот случај полицијата на пластична гајба пронашла оставени седум огномети и 517 различни видови петарди. Се работи на откривање кој ги оставил на тоа место.

Треба да знаете
Последни објави