Британската пошта денеска упати извинување до јавноста откако историчари утврдија дека поштенска марка со која се одбележува Денот Д, односно десантот во Франција за време на Втората светска војна, всушност прикажува американски војници кои се истовариле илјадници километри подалеку.
Марката е дел од серијата од 11 парчиња со кои се одбележува десантот од јуни 1944 година и е издадена во рамки специјална програма за 2019 година која го прикажува „Најдоброто од Британија“, објави агенцијата „Ројтерс“.
„Со оваа марка им се оддава почит на сите кои учествувале во нападот и поради тоа ќе се користи слика од тој ден“, соопшти Кралската пошта, пред да биде воочена грешката.
Сепак, по првиот преглед на марката која поштата ја објави на својот твитер профил, историчари и други експерти, истакнаа дека таа всушност прикажива американски војници кои во мај 1944 година се истовариле во холандска Нова Гвинеја, денешна Индонезија, што пак нема никаква врска со десантот за време на денот Д.
„Искрено се извинуваме што во првиот преглед на специјални марки за 2019 година, беше објавена слика која неправилно се поврза со Денот Д“, објави Кралската пошта на „Твитер“.