Ден на жалост утре во Косово за загинатиот полицаец

Косовскиот премиер Рамуш Харадинај при посетата на Генералната управа на полицијата на Косово утрово изјави дека е длабоко потресен од вчерашното загинување на полицаецот Изет Демај и објави дека утрешниот ден во земјата ќе биде ден на жалост, јави дописникот на МИА од Приштина.

– Утре е неговиот погреб и претседателот на државата (Хашим Тачи) ќе прогласи ден на жалост, изјави Харадинај, најавувајќи владина поддршка за семејството, сопругата и двете ќерки на загинатиот полицаец.

Тој порача дека загинувањето на Демај ќе претставува пресвртна точка за косовската полиција и дека државните институции ќе ги преземат сите потребни дејствија за нејзина поддршка. За таа цел, најави Харадинај, во текот на идниот месец Владата ќе испрати до Собранието нови закони со цел подобруваање на положбата на припадниците на полицијата.

Во чест на загинатиот полицаец, косовската Влада денешната седница ја започна со едноминутен молк.

Демај, кој е поранешен припадник на Ослободителната војска на Косово (ОВК), беше убиен вчера од вооружено лице кое се обиде да изврши грабеж на банка во градот Исток. Ограбувачот беше убиен од полицијата, а во текот на минатата ноќ во врска со настанот се уапсени две лица, од кои едниот е брат на загинатиот ограбувач.

Треба да знаете
Последни објави