Политичката партија Левица преку соопштение побара од Власта да ја поништи продажбата на земјиштето кај хотелот „Холидеј Ин”. Од Левица велат дека со одлуката на Министерството за транспорт и врски да продаде државно земјиште зад хотелот, сегашната власт дала јасно до знаење дека ја продолжува штетната политика на распродавање државно земјиште на приватен капитал за ниски цени.
Левица бара итно поништување на договорот со кој, како што велат, спорното земјиште било продадено за цена двојно пониска од пазарната вредност и пренаменување на земјиштето за објекти од јавен интерес.
Во таа насока, Левица најави дека ќе поднесе барање за поништување на продажбата до Министерството за транспорт и врски. Покрај тоа, од партијата нагласија дека во престојниот период ќе иницираат постапка на измени на Генералниот урбанистички план за конкретната парцела, со што во иднина би се спречило приватизирањето на овој простор заради остварување екстра-профити на поединци.
„Граѓаните се децидни во своите барања кои гласно и ги испорачаа на оваа власт: сакаат зеленило, слободен јавен простор и чист воздух, а не дивеење на градежната мафија и уништување на животната средина. Наспроти тврдењата на министерот Сугарески дека биле принудени да го продадат земјиштето согласно Законот за градежно земјиште, во ниту една законска одредба од тој закон експлицитно не е наведена обврската дека државата е должна да го отуѓи земјиштето доколку приватно лице се стекне со 30 проценти од градежната парцела. Дополнително, се работи за земјиште од Детален урбанистички план наследен од претходната власт на ВМРО-ДПМНЕ, кој силно беше оспоруван од сегашната власт додека беше во опозиција. Впрочем, оваа сомнителната продажба е изведена според ДУП кој Општина Центар моментално го има ставено под мораториум заради утврдени неправилности и за кој беше најавено дека ќе претрпи значителни промени, со цел да се заштити јавниот интерес кој е нарушен во актуелниот ДУП. Се поставува прашањето, како владата на СДСМ продава земјиште водејќи се и повикувајќи се на криминалните, деструктивни проекти на ВМРО-ДПМНЕ, која самата ги оспорува како незаконски?“; вели Левица во соопштението.
Покрај наведените неправилности во продажбата, од Левица велат дека законитоста на бизнис-зделката помеѓу Владата и приватниот инвеститор дополнително е доведена во прашање, ако се има предвид дека на продаденото државно земјиште е предвидена траса за подземен трамвај, односно предвиден е објект од јавен интерес.
„Во ваков случај, законот на кој се повикува министерот Сугарески предвидува продажбата на земјиштето да се врши според претходна одлука на Влада, која во конкретниов случај ја нема. Станува јасно дека актуелната власт имала механизми да ја спречи
спорната продажба со која се загрозени интересите на граѓаните и интересите на државата, но за оваа влада на СДСМ поважни се
профит-интересите на мала група финансиски моќници, дури и кога штетите ги трпат мнозинството граѓани“, додава Левица.