Пет милиони евра обезбедени од Европската банка за обнова и развој ќе бидат достапни на македонските мали и средни претпријатија за подобрување на конкурентноста преку Комерцијална банка АД Скопје.
Комерцијална банка АД Скопје е третата македонска банка која ќе и се приклучи на иницијативата на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) во поттикнување на кредитирањето на малите и средни претпријатија (МСП) во приватна сопственост во земјата.
Кредитот на ЕБОР е поддржан со грант од 750.000 евра од ЕУ, доделен преку Инструментот за Пред-пристапна помош (Instrument for Pre-Accession Assistance – IPA) и најмалку 60 отсто од средствата на ЕБОР за Комерцијална банка АД Скопје, ќе бидат наменети за намалување на енергијата и користење на ресурсите, како и за трошоците поврзани со нив.
-МСП се основата на македонската економија. Согласно податоците на ЕУ, околу 80 отсто од сите работни места во земјата се генерирани од МСП во земјата, што е високо над просекот во ЕУ кој изнесува 66 отсто. Со овој кредит, ЕБОР има за цел да го подобри пристапот до финансирање во земјата, кој се уште претставува предизвик. Во 2018 година, кредитни линии од оваа иста програма беа овозможени и на Шпаркасе банка Македонија и на Охридска банка, наведуваат од ЕБОР.
Во наредниве години, Програмата за поддршка на конкурентноста на МСП на Западен Балкан ќе обезбеди вкупно 30 милиони евра кредитирање на македонските комецијални банки, каде ЕУ ќе додели уште 6 милиони евра грант.
Постоечката програма е надградба на претходно доделените 20 милиони евра преку Програмата за поддршка на конкурентноста, која беше активна од 2010 година до 2015 година и беше поддржана од Европската Унија, која обезбеди грант од 4 милиони евра.
ЕБОР инвестира во македонската економија од 1993 година. До денес, Банката има потпишано над 110 проекти во земјата, со нето кумулативен деловен обем од над €1,75 милијарди.