Извозот на руски гас во Европа во 2018 година забележа нов рекорд, без оглед на дипломатските тензии и намерата на Европската Унија да ја намали зависноста од Русија, објави денеска руската компанија „Газпром“.
„Газпром“, кој има монопол на извозот преку гасоводот, во Европа и Турција продал 201 милијарда кубни метри гас во текот на 2018 или околу 3,5 проценти повеќе од претходната година, рече за руските агенции генералниот директор на „Газпром“, Алексеј Милер.
Извозот во најголем дел е постигнат преку продажбата на гас за Европа, а вториот дел, отворен за конкуренција, се остварува со продажба на течен природен гас.
Русија го истакнува постојаниот пораст на европската побарувачка за руски гас во одбрана на своите нови планови за изградба на гасовод преку Турција и Балтичкото Море, но Европската Унија се двоуми и со години тврди дека сака разни извори на снабдување со гас.
Инаку, „Газпром“ покрива околу една третина од потребите за гас во Европа.