Ѕвездата на Челзи, Еден Азар, чиј договор истекува по година и половина, постојано признава дека би сакал да премине во Реал Мадрид. По победата над Ватфорд со 2:1 во средата, Белгиецот изјави дека сака да почека крајот на сезоната, за да донесе одлука за својата иднина, но тренерот на „сините”, Маурицио Сари не сака да чека.
– Ако сакаме да ја планираме иднината, треба да го решиме овој проблем. Не знам што мисли тој, но сметам дека е време да се реши. Немам овластување да зборувам со него за неговата иднина. Јас сум тренерот и сакам да дискутирам со него само за неговата позиција на теренот, изјави Сари на денешната прес-конференција пред посетата на Кристал Палас.
Тој додаде дека не е изненаден од неговата ефикасност пред противничкиот гол и планира и понатаму да го користи како „лажна деветка”.
– Бев многу убеден, бидејќи тој е одличен играч, еден од најважните во историјата на Челзи. Значи бев целосно сигурен дека може да реализира повеќе. Јас сум многу задоволен од неговата нова улога како лажна деветка. Не знам дали тој сака да игра како крило или како напаѓач, но ако тој може да игра како последен играч во центарот, не е проблем за мене да го поставам токму таму. Не гледам проблем во оваа улога на Азар. Тој играше 4 натпревари како „лажна деветка”, постигна 4 гола и направи 2 асистенции. Зависи од моментот, смета италијанскиот стратег.
Челзи гостува на Кристал Палас во недела од 13 часот во дуел од 20.коло на Премиер лигата.