Таксата од 100 проценти што за производите од Србија и Босна и Херцеговина ја воведе косовската влада беше главна тема на состанокот на највисоките официјални лица на Косово и преговарачкиот тим со амбасадорите на големата петорка, пишува „Коха диторе“.
Приштинскиот весник нагласи дека главно барање на амбасадорите на вчерашниот состанок било Косово и Србија да се договорат за примирјето со цел да се даде можност за постигнување договор во првата половина од следната година.
Амбасадорите го поздравија формирањето на преговарачкиот тим на Косово и како следен чекор побараа откажување од таксите, а до Србија порачаа да престане со кампањата за повлекување на признавањето на Косово.
Според извори на весникот, премиерот Рамуш Харадинај не покажал знаци дека ќе ја повлече одлуката донесена по неуспехот на Косово да стане членка на Интерпол, како последица на српската кампања.