Владата на Република Македонија на својата редовна 113 седница што ја одржа вечерва, ја усвои Програмата за остварување на социјалната заштита за 2019, како и одредбата Програмата да отпочне да се применува од 1 јануари 2019 година.
„Владата ја донесе и Програмата за рефундирање на средства платени како царински давачки, данок на додадена вредност и акциза за набавка на патнички автомобил за лица со тешка и најтешка телесна инвалидност, лица со умерена, тешка и длабока ментална попреченост за потполно слепи лица со придружник и за потполно глуви лица, за 2019 година“, информираат од владината прес-служба.
Од таму додаваат дека во пакетот социјални програми на Министерството за труд и социјална политика, Владата вечерва ги усвоила и Програмата за развој на дејноста за заштитата на децата за 2019 година, Програмата за субвенциoнирање на потрошувачката на енергија за 2019 година, како и Програмата за персонална асистенција на лица со попреченост за 2019 година.
Владината служба појаснува дека овие програми се усвоени на оваа седница бидејќи на нив им претходело неопходното усвојување на Буџетот за 2019 година, за да можат да се реализираат веднаш со првиот ден од новата година.