Американскиот актер Еди Марфи (57) на почетокот на месецот го доби десеттото дете, синот Макс Чарлс. Иако не може да се види премногу често во друштво на своите многубројни деца, неговата ќерка Брија Марфи (29) по повод Божик објави фотографија на „Инстаграм“ на која актерот позира со своите десет деца.
Покрај едномесечниот син Макс, на фотографијата е и ќерката Изи Он (2), која исто така ја доби со свршеницата, инаку манекенка, Пејџ Бачер (39). Двојката е во врска од 2012 година, а се запознале во 2006 година на снимањето на филмот „Куќата на дебелата мама“. На почетокот на врската тие ретко се појавуваа во јавноста, а уште поретко зборуваа за својата врска.
Освен синот Макс и ќерката Изи, Марфи има уште осум деца што ги доби со четири различни жени. Тоа се неговиот најстар син Ерик (29), Брија (29), Мајлс (26), Шејн (24), Зола (18), Бела Захра (16), Кристијан (28) и Ејнџел (11).
„Вие сте прекрасно семејство. Убаво е да се видите сите заедно. Среќен Божик“ е само еден од многуте коментари на обожавателите на Марфи.



