Неименуван претставник на британското Министерство за надворешни работи изјави дека Лондон не постигнал никаков договор за постепено враќање на персоналот во дипломатските мисии во Велика Британија и во Русија од јануари 2019 година.
– Имавме континуиран дијалог со Русија за дипломатски визи пред настаните во Солсбери. Ние редовно разменуваме визи за дипломатскиот персонал и нема да коментираме за поединечни случаи. Не се договорени нови аранжмани, истакна претставникот на Форин офисот.
Тој додаде дека нема никакви промени во ставот на официјален Лондон за „руското дипломатско присуство во Велика Британија, вклучително и мерките преземени по Солсбери”.
Неговата изјава уследи откако рускиот амбасадор во Велика Британија, Александар Јаковенко денеска изјави дека Москва и Лондон постигнаа договор за постепено враќање на персоналот во дипломатските мисии.
– Во принцип постигнавме договор за враќање на дипломатскиот персонал во Москва и во Лондон во текот на јануари. Не сум сигурен дали тоа ќе се однесува на сите членови на персоналот, но барем половина од нив ќе се вратат, изјави Јаковенко за руската телевизија Русија 24.
Тој додаде дека договорот е позитивен чекор во билатералните односи помеѓу двете земји.
По труењето на поранешниот двоен агент Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија на 4 март годинава, Велика Британија протера 23 руски дипломати, а Москва како реципрочна мерка протера исто толку британски дипломати од Русија и нареди затворање на британскиот Генерален конзулат во Санкт Петербург и затворање на Британскиот совет во Русија.