Едно лице загина во пожарот во сервис за мопеди попладнево на улицата „Јордан Мијалков“, зад ТЦ“Рамстор“. Засега нема официјални информации за идентитетот на починатиот, ниту за причините за пожарот. Според првичните информации, огнот најверојатно избувнал од гасна боца со која се загревал сервисот, а во која работело момчето на возраст од 25 години.
-По дојавата објектот е затекнат во распламтана фаза на горење, со голема опасност од проширување на соседните објекти кои се залепени еден до друг. Беше влезено внатре и при пребарувањето беше затекната една жртва. Огнот е брзо ставвен под контрола, но она што е лошо што за жал се изгуби човечки живот. Како што може да види на самото место имаме две гасни боци кои се користеле за загревање на самиот објект. Едната е целосно уништена, а другата постоеше опсност од нејзина експлозија,па беше брзо изладена и извадена од објектот. Така да тоа е можна причина за пожарот, но тоа ќе го утврди истрагата, изјави командантот на Противпожарната бригада на Град Скопје, Звонко Томески.
Поради силината на пожарот и опасноста за соседните објекти на терен интервенирале осум возила со 22 пожарникари.
По избувнување на пожарот биле повредени уште три лица, од кои еден имал помали изгореници, а другите двајца се пожалиле на последици од чадот.
Увидот на местото уште трае, а полицијата чека да земе изјави од лицата од соседните објекти кои се уште во шок по несреќата.