И првиот даночник на Скопје не добива фискални сметки

За Нова година си ги посакува најскапите желби, кои се бесплатни. Сака многу здравје и среќа  за себе, но и за своите најблиски. За сите граѓани го посакува истото како и за нејзиното семејство.  Вака управничката на Регионалната дирекција на Управата за јавни приходи Скопје, Даниела Маркоска за 24 Инфо ги опишува новогодишните желби. Интервјуто го правевме во нејзината канцеларија на пладне на самиот крај на даночната година. Насмена и позитивна зборуваше за плановите на Дирекцијата, за даночните пријави, но и за тоа дека и се случило неколку пати да не добие фискална сметка во продавница и ресторан.

Маркоска вели дека тимот на Управата за Јавни приходи се стреми сите планови и проекти коишто се утврдени претходно, да се реализираат до крајот  на годината. Секако, освен тие проекти и реформи коишто побаруваат реализација во текот на годината. Вели дека добрата организација и утврдувањето на приоритетите придонеле резултатите оваа година да бидат навистина добри.

– Со задоволство можам да кажам дека УЈП може да се пофали со успешна наплата на даноците. Наплатата е одлична за 2018 година, што и беше еден од приоритетите.
Исто така, УЈП максимално се мобилизираше и ги стави речиси сите капацитети во функција за реализација на новата даночна реформа е-Персонален данок, којшто навистина претставува големо олеснување за граѓаните. Постапката е едноставна, избегнати се гужвите на шалтерите што беше позната слика во изминатите години. Благодарение на оваа реформа, сега граѓаните се регистрираа од дома, од своето работно место и тоа само за неколку минути. Единственото доаѓање во даночните канцеларии на УЈП беше само за да го достават листот за идентификација и потврдување на регистрацијата, а тоа се прави само еднаш- вели Маркоска
.


За граѓаните кои од определени оправдани причини биле спречени да се регистрираат во редовните даночни канцеларии на УЈП, Регионалната дирекција Скопје во соработка со Генералната дирекција на УЈП, годинава овозможи побрз и поефикасен пристап, со тоа што отвори дополнителни канцеларии во неколку општини на територија на градот Скопје. Во исто време мобилизираше екипи кои секојдневно беа ангажирани на терен до големите даночни обврзници.

Би сакала да го напоменам и враќање на данокот на додадена вредност којшто се остварува согласно предвидената динамика. По поднесените барања на даночните обврзници повратот се одвива во континуитет, без застој, како би можеле даночните обврзници да си ги извршуваат непречено своите дејности и активности– вели Маркоска.

На наше прашање дали се случило ли во ресторан или продавница да не добие фискална сметка и кои биле последиците за тие кои не и доставиле сметка Управничката вели дека во таква ситуација била неколку пати.

Морам да признаам дека неколку пати ми се случило да не добијам фискална сметка. Во тој случај се однесувам совесно и одговорно и постапувам онака како што треба да постапи секој граѓанин. Постои служба во РД Скопје, каде што се пријавуваат даночните обврзници кои не го почитуваат законот. Ја користам оваа прилика да апелирам до сите граѓани да се охрабрат, и да ги пријавуваат ваквите обврзници. Управата за јавни приходи редовно постапува по поднесените пријави и доколку пронајде неправилности во нивното работење, истите ги санкциониравели Маркоска.


За најинетресен случај го издвојува тој кога татко побарал од нив за 18 роденден на синот да му објаснат кои му се обврските.
-РД Скопје работи директно со даночните обврзници, како со правни така и физички лица и оттука секако дека често пати сме слушнале необични прашања, но и барања. Сега скоро, еден господин побара помош од мобилната екипа да го посети неговиот дом на роденденот на неговиот син кој полнел 18 години, со цел да се регистрира и со тоа да му покаже дека од тој ден ќе треба да ги исполнува своите обврски- вели првиот даночник на Скопје.

Ја прашавме и дали се подобрува даночната дисциплина и издавањето на фискални сметки во државава. Маркоска вели дека УЈП  е максимално ангажирана во делот за подобрување на даночната дисциплина и издавањето на фискалните сметки.

РД Скопје има Одделение за услуги на даночни обврзници, каде што редовно врши обука на новорегистрираните даночни обврзници и на сите останати даночни обврзници. Постојат даночни обврзници кои редовно во рок си ги плаќаат даноците , даночни обврзници кои заради потешкотии во работењето не можат да платат во предвидениот рок, но и даночни обврзници кои на секој можен начин гледаат да го избегнат плаќањето на данокот. УЈП има различен третман кон сите нив. Постојат многу законски мерки кои ги превземаме со цел да го наплатиме данокот. Даночните обврзници треба редовно да соработуваат со Управата за јавни приходи и приоритет во нивното работење треба да биде плаќањето на данокот– објаснува Управничката.

За Новогодишните и божиќните празници ќе биде дома со семејството. Има многу желби, а една е што повеќе време следната година да поминува со своите најблиски.

Валентина Ангеловска

фото: Слободан Ѓуриќ

Треба да знаете
Последни објави