Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган го претстави експремиерот Бинали Јилдирим, како кандидат за градоначалник на Истанбул, на претстојните локални избори во март 2019 година, пренесуваат турските медиуми.
Ердоган истакна дека Јилдирим ќе биде кандидат на владејачката партија на Правдата и развојот на претстојните градски избори.
И Ердоган беше градоначалник на Истанбул пред да ја формира партијата во 2001 година.
Јилдирим моментално е претседател на парламентот. Беше премиер од 2016 до 2018 година, а претходно министер за сообраќај во владата на Ердоган.
Уставната реформа во Турција од 2017 година го укина местото премиер во земјата, при што стапи на сила претседателскиот систем на владеење, според кој Ердоган има проширени овластувања.