Преговорите меѓу Лондон и Брисел за излезот на Велика Британија од ЕУ, кои создаваа тензии во текот на целата 2018 година, завршија со Предлог-договор, кој покажа дека проблемите околу идните односи меѓу двете страни се многу поголеми отколку што изгледаше на почетокот.
По постигнувањето на Предлог-договорот, што го поддржа сите останати членки на ЕУ, изгледаше дека „драмата” околу преговорите конечно заврши со „среќен крај”, но ентузијазмот од двете страни на Ламанш го поматија пратениците во британскиот Праламент, од кои мнозинството не се согласуваат со договреното.
Стравувајќи дека Предлог-договорот нема да биде одобрен од Долниот дом на Парламентот во Вестминстер, британската премиерка Тереза Меј го одложи парламентарното изјаснување по документот и го презакажа за крајот на јануари.
Целиот процес на „разводот” остави длабок белег како врз Велика Британија, така и врз ЕУ, која првпат во својата историја нема да се проширува, туку ќе се намалува.
Дебатите околу договорот за Брегзит ги исфрлија на виделина длабоките поделби во британското општетство, меѓу оние кои инсистираат на посебноста на Велика Британија до одреден степен на изолационизам и оние кои се подготевни на отвореност и поблиски врски со „континетот”.
Иако приврзаниците на Брегзитот превенствено доаѓаат од редовите на конзервативците и десните националисти, сепак прашањето за истапувањето на земјата од ЕУ ги покажа поделбите во традиционалните партии, но и меѓу генерациите, а не ретко и во самите семејства.
Поделбите беа највидливи во редовите на владејачката Конзервативна партија. Тврдокорните „брегзитери”, кои не прифаќаат никакви врски и обврски кон Унијата по Брегзитот, незадоволни од Предлог-договорот со Брисел, се обидоа да ја сменат Меј од местото лидер на партијата, но нивниот обид доживеа неуспех, со што и загарантираа останување на лидерската позиција уште најмалку една година.
Но, Меј засега не успеа да обезбеди мнозинство за „протуркување” на Предлог-договорот во Парламентот. Доколку и конечно доживее несупех во овој нејзин обид, Меј би можела да поднесе оставка, со што би ја втурнала партијата во уште поголема криза и поделби.
Дополнителни проблеми би можело да предизвика евентуална одлука на Меј за распишување предвремени парламентарни избори. Новите избори не се гаранција дека во идниот состав на Парламентот, Меј ќе може да се надева на доволно мнозиство за усвојување на договорот, доколку и успее да победи на нив.
Доколку пак победата ја извојуваат опозициските лабуристи, работата ќе биде уште посложена имајќи предвид дека партијата и сама е поделеба меѓу оние кои се „за” и „против” Брегзит, што би довело до нова неизвесност.
Како опција се споменува и можноста за нов референдум околу Брегзитот, но и за ова има поделени миселења, дали изјаснувањето треба да биде за тоа дали земјата воопшто да ја напушти Унијата или пак од гласачите да се бара да се произнесат дали прифаќаат излез од Блокот, за што веќе еднаш се изјаснија, согласно договорот што го постигна Меј со Брисел или не.
Во такви услови се почесто се споменува опцијата за Брегзит „без договор”. Владата во Лондон веќе почна да работи на подготовки за таква опција, а слични планови се разгледуваат и во Брисел, кој одбива преговори за нов договор, кој би бил прифатлив за Парламентот во Лондон.
Како ќе се одвиваат работите се очекува да стане појасно веќе кон крајот на јануари, за кога е предвидено гласањето во британскиот Парламент за Предлог-договорот. Доколку пратениците дефинитивно го одбијат, а Брисел остане на непопустливиот став дека нема нови преговори, бидејќи она што е договорено е „најдоброро можно”, двете страни веројатно ќе ги активираат плановите за Брегзит „без договор” на предвидениот датум 29 март 2019 година.
Но, како и секогаш во политиката има едно „но”. Оние кои се надвеаат дека Велика Британија сепак ќе остане дел од Унијата, надежта ја полагаат во ставот на Европскиот суд на правдата кој реши дека Лондон може еднострано да донесе одлука да се откаже од Брегзитот.