Најмалку две лица загинаа, а 24 се повредени во експлозијата на бомба на тезги за овошје и зеленчук пред трговски центар во јужниот дел на Филипините.
Импровизираната експлозивна направа била поставена во кутија во близина на тезгите, на кои исто така се продавале петарди и играчки, пред трговскиот центар „Јужни мориња” во Котабато Сити, 895 километри јужно од Манила.
На истата улица била пронајдена втора, неексплодирана бомба, во близина на местото каде што се случила првата експлозија, соопшти генерал-мајор Кирилито Собеџана.
– Втората бомба била оставена најверојатно во брзање. Се уште проверуваме дали бомбата што експлодирала била детонирана со мобилен телефон или е користена друга направа за активирање, рече тој.
Меѓу повредените има едно четиригодишно девојче и најмалку тројца тинејџери.
Експлозијата се случи во момент кога стотици луѓе се упатиле кон трговскиот центар за купување во последен момент, при подготовките за новогодишната прослава, соопшти полицијата.