На новиот полигон во Битола, денеска за прв пат кандидатите полагаа за добивање на возачка дозвола, со што официјално по пауза од шест години, битолчани можат да полагаат на домашен терен, информираат од општината. Ветениот рок за изградба на полигонот беше исполнет од страна на локалната самоуправа, додаваат оттаму во сооштението.
„Ветивме, исполнивме. За само една година, по спроведена процедура, после многу години, Битола конечно има полигон. Битолчани повеќе нема да имаат потреба да одат во соседните градови за да вежбаат, но и за да полагаат. Битолчани, нека ни е аирлија новиот полигон“, рече градоначалничката на Општина Битола, Наташа Петровска.
Полигонот е лоциран на излезот од Битола, во населбата Горно Оризари, на земјиште во сопственост на Владата на РМ, кое и беше доделено на Општина Битола, а е изграден како донација од „Автомакедонија“, се наведува во соопштението на општината.
„Пред се голема благодарност до Општина Битола, до градоначалничката, советниците и целиот тим кој што го работеше овој проект. Изведувачите со натчовечки напори се потрудија и го изведовме полигонот. Се надевам дека отсега па натаму ова ќе биде и поблагодарно за битолчани и полесно, затоа по шест години повторно имаме полигон во Битола“, посочи Зоран Кузмановски, управител на сообраќајниот испитен центар АМ ДООЕЛ Битола.
На денешното прво полагање на кандидатите за возачка дозвола, присуствуваа и советниците од Општина Битола, предводени од претседавачот Валентин Груевски, како и голем број граѓани, кандидати и претставници од авто школите во градот.